Кристијано Роналдо беше стартер на сите натпревари на Јувентус сезонава (со исклучок на оној против Јанг Бојс во ЛШ, што го пропушти поради суспензија), но на таа серија ќе и дојде крај на утрешниот меч против Аталанта. Тренерот Масимилијано Алегри на денешната прес-конференција објави дека Роналдо ќе се пресели на клупата за резерви, за да добие заслужен одмор по бројните настапи во дресот на „старата дама“ сезонава.
„За првпат сезонава, јас и Роналдо заедно ќе гледаме еден натпревар од клупата. Презадоволен сум од она што го прави, бројките говорат сами за себе, но наша заедничка цел е Кристијано да биде во топ-форма во март, за да ги одигра на највисоко ниво клучните натпревари од сезонава“ – изјави шефот на стручниот штаб на „старата дама“.
Местото на Роналдо ќе му припадне на Даглас Коста, кој ќе настапи во напаѓачкото трио крај Дибала и Манџукиќ.
Јувентус по 17 одиграни кола се наоѓа на првото место на табелата со 49 бода (16 победи и едно реми), со дури осум бода предност во однос на второпласираниот тим на Наполи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА