Алиоски: Родителите не сакаат да им давам пари, па им купив …

Џани Алиоски е идеален пример за тоа како упорноста може да донесе резултат и да ти ги оствари сите соништа. Офанзивниот бек сега со голем успех настапува за Лидс во Премиер-лигата и за македонската репрезентација, но Алиоски во интервју за швајцарските медиуми се потсети на најтешките моменти во животот.

Притоа, тој обелодени дека не се откажал од фудбалот само благодарение на поддршката од родители, откривајќи и што им купил за возврат откако сите соништа му се оствариле.

„Два месеци бев без клуб. Во такви моменти почнувате да се грижите, да се прашувате дали ќе ви се исполнат соништата од детството. Немате клуб, немате со кого да тренирате. За среќа, тука беше моето семејство. Родителите ми беа најголема поддршка, никогаш не побараа од мене да почнам да барам работа, не ме посоветуваа да се откажам од фудбалот, напротив – ми рекоа да продолжам да си го следам сонот. А најпрвин сонував да играм во швајцарската Супер-лига, кога го остварив тоа почнав да сонувам за Премиер-лигата во Англија. Еве ме каде сум сега… Сакам да им помогнам финансиски, но тие не сакаат ни да чујат да земат пари од својот син. Затоа, веднаш по трансферот во Лидс им купив прекрасен автомобил“, открива Алиоски.

Нашиот репрезентативец во истото интервју се осврна и на големиот репрезентативен успех – пласманот на ЕВРО 2021.

„Тоа беше на почетокот од корона-кризата… си поставив две големи желби… со Лидс да влезам во Премиер-лигата и со Македонија да се пласирам на ЕВРО 2021. Тоа беше најголем успех во спортската историја на Македонија, штета е што не можевме да славиме заедно со навивачите. Сепак, луѓето излегоа на улица по таа наша победа во Грузија, знаеме колку им значеше овој успех“, изјави Џани Алиоски.

Се вчитува...