Американците си заминаа, нови странци во Гевгелија

Кожув лошо ја отвори сезоната, со три порази во првите три натпревари, што придонесе управата на клубот да се реши за промени во играчкиот кадар. Тројцата американски кошаркари, Ентон Максвел, Џошуа Скот и Дариус Хагинс, не ги оправдаа очекувањата и веднаш си заминаа од таборот на Кожув, а на нивно место беа донесени нови три странски засилувања.

Никола Станојевиќ веќе дебитираше за тимот при поразот од ТФТ, а во изминатиот период Кожув донесе и две засилувања за борбата под обрачите. Нов центар на прволигашот од Гевгелија е 28-годишниот српски кошаркар Никола Силаџи, кој пристигна од српскиот второлигаш Здравље. Покрај него, Кожув потпиша и со канадскиот крилен центар Лем Лок.

„Донесовме неколку засилувања кои сигурно ќе го кренат квалитетот на игра, но се соочуваме со проблем бидејќи сме надвор од колективен тренажен процес. Со новите играчи тренираме индивидуално бидејќи голем дел од кошаркарите се во самоизолација по позитивните тестови на коронавирус во нашиот клуб. Се надеваме дека состојбата ќе биде надмината и дека по завршување на периодот на изолација ќе влеземе во комплетен тренажен процес, за да можеме во висок ритам да ги одиграме натпреварите кога ќе се вратиме на терен“, изјави тренерот на Кожув, Алек Јончевски.

Се вчитува...