Крајот на настапот на македонската репрезентација на СП 2017 во Франција е вистински момент за анализа на одработеното од нашите ракометари на овој мундијал. Зацртаната цел е остварена со пласманот во осминафиналето, убедливиот пораз од Норвешка не треба да го наруши севкупниот впечаток, кој е позитивен, но останува фактот дека целиот товар го понесоа оние најискусните, додека младите не ја искористија оваа прва шанса што им се укажа во националниот тим.
Кирил Колев
Највозрасниот во националниот тим одигра еден одличен натпревар, и тоа во значајната пресметка против Исланд во која го спаси ремито со кое се задржавме на третата позиција. Добро го почна и дуелот со Норвешка, но падна во вториот дел заедно со остатокот од националниот тим. Бранеше во рамките на своите можности, со 29% успешност севкупно на овој мундијал.
Благојче Трајковски
Одбрани неколку клучни топки во големиот триумф над Тунис и широко ги отвори вратите кон втората рунда. Потоа формата не му беше на посакуваното ниво, па повеќе се прослави со погодоците „од гол на гол“ (3/3 на мундијалот) откако со интервенциите на последните натпревари. Светскиот шампионат го заврши со 24% успешност (18 одбрани од вкупно 76 удари кон неговиот гол).
Никола Митревски
Пред мундијалот се очекуваше да биде прв голман, неочекувано не доби шанса на ниту еден натпревар. Червар во неформалните разговори посочуваше дека е повреден, што е далеку од вистината.
Дејан Манасков
Изостана една извонредна партија во која ќе доминира како онаа со Србија лани во Краков, но Манасков во секој случај уште еднаш покажа дека е еден од клучните ракометари во оваа репрезентација. Најдобар натпревар му беше оној првиот против Тунис со седум погодоци, одигра под своето ниво со Словенија и Шпанија, два меча на кои постигна вкупно три гола, а потоа заработи повреда постигнувајќи многу значаен гол во пресметката со Исланд.
Го заврши мундијалот со 17 гола на пет одиграни средби во Мец, а неговото отсуство остави длабока трага врз играта на нашата репрезентација против Норвешка.
Гоце Ојлевски
Прва резерва на позицијата лево крило, но Ојлевски за жал не ја искористи шансата што му се укажа со повредата на Манасков. Против Норвешка имаше три шута во првото полувреме, трите непрецизни.
Гоце Георгиевски
Слабо го почна шампионатот во Мец, но добиваше на самодоверба како што изминуваа натпреварите. Најдобриот меч го одигра со Исланд, но потоа следеше слабото прво полувреме во осминафиналето, во кое токму тој заедно со Ојлевски беше главен виновник што резултатот не беше поповолен за нашата репрезентација. Севкупно гледано, солиден ефект со вкупно осумнаесет гола (просек три по натпревар) со 62% реализација.
Мартин Поповски
Младото крило на Вардар беше дел од селекцијата на првите четири меча, пред да биде заменет со Жарко Пешевски. Ретко добиваше шанса, но се покажа како солидна резерва за Георгиевски. Го заврши мундијалот без ниту едно промашување, постигна два гола од исто толку обиди.
Влатко Митков
Уште едно големо натпреварување во кое искусниот десен бек имаше крајно епизодна улога, речиси без да влезе во игра. Постигна три гола од четири обиди, два од нив во второто полувреме против Норвешка кога прашањето на победникот веќе беше решено.
Кире Лазаров
Капитенот одигра уште едно фантастично големо натпреварување. Блесна на самиот старт, постигнувајќи 12 гола со Тунис, проследени со нова „десетка“ за Ангола. Како што минуваа натпреварите ефектот во бројот на постигнати голови се намали, но значењето на Лазаров во изданието на нашата репрезентација не се мери само со бројот на постигнати погодоци (50) и асистенции (38), туку пред се со лидерската способност што ја имаат само врвните спортисти, да повлечат кога на останатите не им оди најдобро, да погодат кога е најзначајно (како со Тунис, така и со Исланд).
Филип Миркуловски
Големиот „борец“ се врати по кратката репрезентативна пензија и веднаш покажа што всушност ни недостигаше при поразот од Чешка во квалификациите за ЕП 2018. „Срце на терен“ е преблаг опис за да се опише залагањето на ракометарот на Вецлар, од кого по разочарувачкиот пораз стигна и најдобрата вест – Миркуловски ќе продолжи со настапите за Македонија и по овој мундијал.
Го заврши ова СП со скромни десет гола на пет натпревари, но придонесот што го имаше со организацијата на играта и настапот во дефанзива беа огромни.
Филип Лазаров
Вообичаено, настап со големи осцилации, од убави голови и прекрасни асистенции, до наивни грешки. Најдоброто од себе го покажа на дуелот со Исланд, кога во финишот одлично го замени Миркуловски. За жал, не успеа да продолжи во ист ритам и против Норвешка. Вкупно постигна пет гола на овој мундијал од вкупно девет шутеви кон голот на противниците.
Филип Талески
Големо разочарување, пред се поради големите очекувања што целокупната јавност ги имаше од него. На првите натпревари го имаше статусот на резерва, што дефинитивно влијаеше психолошки и му ја намали самодовербата. Потоа и при солидни позиции не се решаваше да шутне, делуваше премногу пасивно, воопшто не наликувајќи на играчот кој беше лидер на Металург во ЛШ оваа сезона.
Добро во целата ситуација е што Талески е максимално самокритичен, многу добро знае каде погрешил и веднаш по поразот од Норвешка најави далеку подобри изданија во иднина.
Марко Нелоски
Младиот ракометар ја имаше улогата на стартер на првите средби, но не ја оправда довербата на Лино Червар. На шест натпревари постигна само три гола, и тоа со 25% успешност, вклопувајќи се во слабото издание на левите бекови на овој мундијал.
Треба да се потенцира дека за Нелоски голем успех е што остана здрав, очигледно е дека бројните повреди од претходниот период имаат оставено трага врз неговата самодоверба. Во периодот што следи, за очекување е овој млад ракометар да потсети на деновите кога важеше за најперспективен играч во нашата земја.
Стефан Дрогришки
Битолчанецот добиваше шанса во ситуација кога и Нелоски и Талески беа под својот просек и сосема солидно ја користеше минутажата. Далеку е од некоја позначајна улога, но во Дрогришки добиваме играч кој десетина минути може да одигра коректно и во нападот и во одбраната.
Ристо Арнаудовски
Ветеранот во бековската линија доби само неколку минути шанса за настап против Норвешка, премалку за да може да се даде било каква анализа за неговиот настап.
Велко Маркоски
Одигра на своето вообичаено ниво во одбраната, одлично се снајде и во 5-1, но најчесто во „срцето“ на зоната 6-0. Повредата со грбот што го мачи подолго време повторно го спречи да одигра стопроцентно, но Велко Маркоски во секој случај останува командант на одбраната на македонската репрезентација.
Столе Стоилов
НАЈДОБАР ракометар на Македонија на овој светски шампионат. Пивотот постигна 23 гола од вкупно 35 обиди, но тоа и не е толку важно колку севкупниот придонес што го имаше во играта на националниот тим. Речиси на сите натпревари одигра по 60 минути во два правци, беше одличен во одбраната иако премногу се трошеше во нападот. Да не заборавиме дека на линијата со бореше со „џиновите“ од Тунис, Словенија, Шпанија и Исланд, врз него беа направени бројни груби прекршоци, но Стоилов беше пример како се остава срцето на терен за Македонија.
Никола Маркоски
Покажа значителен напредок во играта, добро се снајде во новиот напад „седум на шест“ што им остава нешто поголем простор на пивотите. Еден од најзапазените во нашиот состав на Мундијалот. Одигра одлично против Шпанија, меч на кој постигна пет погодоци, а значително ја подобри и играта во дефанзива. Станува добра втора опција во ситуациите кога напаѓаме со играч повеќе на теренот.
Жарко Пешевски
Ракометарот на Металург влезе во составот во пресрет на натпреварот со Исланд, немаше преголема минутажа, на двете средби на кои настапи постигнувајќи два гола од три обиди.
Лино Червар
Зацртаната цел во пресрет на овој Мундијал беше исполнета од страна на селекторот со пласманот во осминафиналето. Со тактиката „седум на шест“ бевме изненадување за речиси сите ривали. Процесот на подмладување почна, но е далеку од завршен бидејќи дополнително ќе треба да се работи на самодовербата кај младите кои се приклучуваат во сениорскиот национален тим.
Како „минус“ на Червар останува тајмаутот земен при водство од 9-8 и серија од 4-0 против Норвешка, потег со кој нашиот селектор ги врати Норвежаните во игра (претходно беа седум минути без постигнат гол) и ритам со кој ја демолираа Македонија во второто полувреме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА