Ангеловски: Фаворити сме, размислуваме само за победа против Лихтенштајн

Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски вели дека Македонија е апсолутен фаворит на утрешната пресметка со Лихтенштајн, со отворена желба за прва победа во квалификациите за СП 2022.

„Ние сме апсолутни фаворити на утрешниот натпревар и секако не бегаме од тоа. И претходно во минатото сме биле во таква улога против оваа селекција, па само од нас ќе зависи конечниот резултат. Колку побрзо отвориме толку ќе биде полесно низ 90 минути. Треба што побрзо да дадеме гол, но не треба безглаво да се игра во напад. Реализацијата мора да се подобри во однос на дуелот со Романија“ – истакна Ангеловски на денешната прес-конференција пред утрешниот дуел.

„Лихтенштајн е со променет состав во однос на 2018 година, има голем број млади фудбалери, но ќе повторам дека за трите бода единствено важно ќе биде како ние ќе го одиграме натпреварот“ – вели Ангеловски.

Македонската селекција повторно ќе биде без Дарко Велковски во одбраната. Се очекуваат промени во стартниот состав, посебно во нападот кој потфрли на претходниот дуел во Букурешт.

Натпреварот меѓу Македонија и Лихтенштајн во 2. коло од квалификациите за СП 2022 се игра утре од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...