Македонската репрезентација приреди вистинско чудо, како што истакна и капитенот Горан Пандев пред натпреварот, со триумфот над Германија во третото квалификациско коло за пласман на СП 2022 во Катар.
Селекторот Игор Ангеловски не ја криеше радоста на прес-конференцијата по мечот издвојувајќи ги момците со сите свои заслуги за новата радост која и ја приредија на Македонија.
„Овие момци уште еднаш ја направија горда цела Македонија. Победивме против четирикратен светски шампион, кој 20 години немаше пораз во мундијалски квалификации. Кој ќе ја урне таа традиција ако не овие наши спортски херои. Радувај се Македонијо, и слави ги овие херои“ – порача Ангеловски на прес-конференцијата притоа дополнувајќи:
„Капитенот Горан Пандев најави дека во фудбалот е можно чудо, и на крај го оствари на теренот. Ги поздравувам и луѓето што не критикуваа, не опструираа, еве им и на нив победа, нека се радуваат. Нема менување на овој тим, ова се моите херои, со нив ќе одам на Европското првенство. Сега уште посериозно ќе не гледаат сите, но јас кажав која е целта. Целта е да ја поминеме групата на Европското првенство. Овие момци можат да го направат тоа. Но, сега мора да се спуштиме малку на земја, се вклучивме во борбата за Светско првенство и тоа е најважно во моментов“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА