Астон Вила со три нови имиња во последниот ден од преодниот рок

Астон Вила катастрофално ја почна сезоната со само еден освоен бод во првите три кола, со што беше запален алармот кај управата која беше премногу пасивна во текот на летниот преоден рок. На крајот сепак мораше да се реагира, па Вила во последниот ден од преодниот рок доведе три квалитетни засилувања во своите редови, и тоа Харви Елиот, Џејдон Санчо и Виктор Линделоф.

Елиот важи за еден од најголемите таленти на англискиот фудбал, тој беше МВП на младинското европско првенство на кое Англичаните стигнаа до титулата, но одличниот плејмејкер никако не успеваше да се избори за минутажа во тимот на Ливерпул. На крајот, тој се пресели на позајмица на „Вила Парк“, но со клаузула за задолжителен откуп со вкупна сума од 40 милиони евра.

Санчо долго беше поврзуван со бројни клубови по одлуката Јунајтед повторно да го испрати на позајмица. Тој одби неколку понуди од странство и на крајот реши да остане во Премиер-лигата, прифаќајќи ја понудата за преселба на „Вила Парл“.

Виктор Линделоф доаѓа како слободен играч по истекот на договорот со Манчестер јунајтед, шведскиот дефанзивец имаше неколку понуди надвор од „островот“, но како и Санчо сепак се реши да остане во најсилната лига на светот.

Тројцата нови фудбалери ќе можат да дебитираат за Астон Вила на гостувањето против Евертон закажано за 13 септември.

Се вчитува...