Авионските трки премиерно во Франција, и тоа со трка на ривиерата во Кан!

На само две недели пред светски познатиот филмски фестивал во Кан, гламурозниот град ќе го распостели црвениот тепих за ѕвездите на авијацискиот мото-спорт, за долгоочекуваното француско деби на светското првенство Red Bull Air Race.

Од својот почеток во 2003, а од 2005 година како светско првенство, Red Bull Air Race предизвикува возбуда кај своите обожаватели низ глобалните дестинации од Њујорк до Лондон и од Австралија до Јапонија. Но овој април, од 20 до 22 во месецот, овој спорт за првпат ќе го освои небото над Франција – а со пет француски пилоти меѓу елитната постава за викендот, оваа втора станица од сезоната од осум трки ќе биде вистински гала настан.

Red Bull Air Race претставува нова димензија во мото-спортот, а брзината, прецизноста и летечките вештини кои го одземаат здивот ќе бидат во преден план во Кан. Во Мастер класата, четиринаесет од најдобрите светски пилоти ќе се натпреваруваат за официјалното светско првенство кое е признато од светската аеронаутичка федерација ФАИ (Fédération Aéronautique Internationale). Пилотите ќе се борат за време на патеката од 25-метарски воздушни столбови во тркачки авиони со најнова технологија, ќе достигнуваат брзини до 370 километри на час, а ќе им се спротивставуваат на гравитациските сили кои можат да достигнат 12G. Овие трки со голема брзина, а мала висина над Медитеранот ќе се одвиваат пред очите на навивачите, а ќе има и специјални придружни шоуа и можност за добивање автограми, кои овој викенд ќе го направат незаборавен.

Ѕвезди на оваа за нив прва домашна трка ќе бидат тројцата француски пилоти во светскиот шампионат: Николас Иваноф, Корзиканец со пет победи во својата кариера, Франсоа Ле Вот, поранешен „топ ган“ инструктор за летање на француските воздушни сили и светски шампион за воздушни акробации, кој живее во јужна Франција, и Мика Бражо, млад жител на Вилнев-сур-Лот, кој ја освои титулата во 2015 година во втората натпреварувачка категорија на овој спорт („челинџер“ класа) и веќе ги предизвикува лидерите на светското првенство.

Нивни противници од интернационалната сцена на авијациски ѕвезди се актуелниот светски шампион Јошихиде Муроја (Јапонија) и неговиот жесток ривал, второпласираниот од 2017 година, Мартин Шонка (Чешка). Уште двајца Американци исто така ќе се борат за добар пласман, меѓу кои е поранешниот носител на титулата Кирби Чемблис кој продолжува со својот „камбек“, како и Мајлк Гулијан, кој се бори да го задржи водството на табелата, откако победи на првата трка во Абу Даби во февруари. А внимавајте и на Германецот Матијас Долдерер – шампионот од 2016 година е решен да се избори за главна улога оваа сезона.

Во меѓувреме, уште двајца француски пилоти ќе се покажат во сиот свој сјај во второто натпреварување за „челинџер“ класата, која ги развива ѕвездите на утрешинината. Локален фаворит од регионот на Кан ќе биде Мелани Астле, првата жена која се натпреварувала и победила во Red Bull Air Race. Под француско знаме исто така ќе лета и Батист Вињес од Ле Авр, кој има освоено светска титула за летачки aкробации и многу ветува во воздушните трки откако минатата година се приклучи на „челинџер“ класата.

Се вчитува...