Баерн држеше лекција по фудбал во дербито на Бундес-лигата

Баерн Минхен на доминантен начин се врати на делба на првото место на бундеслигашката табела откако баварскиот гигант славеше со 3-0 на денешното дерби против Унион Берлин. Двата тима влегоа со ист број на бодови во ова дерби, но баварците одиграа импресивно, во ниту еден момент не дозволувајќи им на гостите да се понадеваат на изненадување на „Алијанц Арена“.

Чупо Мотинг ја пропушти првата шанса на мечот веќе во 5. минута, но камерунскиот ас затоа подобро реагираше во 31. минута, кога со прецизен удар со глава го натера голманот на Унион Берлин на капитулација. По постигнатиот гол Баерн не само што не се повлече, туку уште повеќе засили со нападите, пристап што вроди плос, па домаќините постигнаа уште два гола до крајот на полувремето, најпрвин Коман погоди за 2-0, а во судиското продолжение прецизно стрелаше и Мусиала за 3-0.

За одбележување е дека во второто полувреме во игра за Баерн влезе и Садио Мане, кој по повеќемесечна пауза повторно ќе му биде на располагање на тренерот Нагелсман за клучниот дел од сезоната.

Баерн Минхен сега е израмнет на врвот на табелата со Борусија Дортмунд, со три бода предност во однос на Унион Берлин.

Се вчитува...