Баерн Минхен ја одреди казната за Мануел Нојер

Голманот на Баерн, Мануел Нојер ќе биде казнет со одземање на капитенската лента поради непримерни изјави во медиумите, пренесува „Билд“. Нојер оваа зима е на мета на челниците на баварскиот клуб. Најпрвин отишол на скијање кое е забрането за професионални фудбалери и успеал да си ја скрши раката поради што морал да оди на операција и да ја заврши сезоната.

Потоа следеше интервју, во кое тој ги нападна раководството на клубот и тренерот Јулијан Нагелсман како главен виновник за оставката на долгогодишниот тренер на голманите Тони Тапаловиќ, кој е негов добар пријател и со кој има кумски односи.

Челниците на клубот остро реагираа и порачаа дека е непримерно капитенот јавно да го клевети својот клуб и да го уништи неговиот углед. Германскиот Билд пишува дека Баерн за ова ќе го казни Нојер во висина од една бруто месечна плата која е 1.600.000 евра плус, а ќе му биде одземена капитенската лента.

Баерн во јануарскиот преоден рок како негова замена го доведе Јан Зомер од Менхенгладбах, а под договор е и Александар Нибел кој моментално е позајмен во Монако.

Се вчитува...