Битолска доминација: Совладан Вардар со +50

Пелистер стигна до втората победа во Првата лига откако на домашен терен славеше убедливо над Вардар со 122-72, со што во вториот натпревар оваа сезона битолчани ја надминаа границата од 100 постигнати поени. Избраниците на Илиевски ги искористија слабостите на својот противник и веќе во првото полувреме ги решија дилемите за победник на натпреварот во „Боро Чурлевски“.

Пелистер доминатно го отвори натпреварот. Битолчани го контролираа скокот и играта под обрачот, каде остварија 5 скока во напад во првата четвртина, а притоа ги искористија и сите грешки на Вардар и постигнаа 16 поени преку добрата транзиција. Успешните десет минути избраниците на Иливески ги наградија со 36 постигнати поени, наспроти 18 на „црвено-црните“ и го наговестија текот на денешниот натпревар. Добриот ритам на битолчани не запре ни до крајот на првото полувреме, „зелено-белите“ умешно ги користеа слабостите на Вардар, пред се’ со играта под рекетот каде тимот на Јованчев има проблеми со високи играчи. Во овој сегмент од играта, Пелистер постигна 38 поени, а на полувремето резултатот гласеше 63-31.

Битолчани продолжија со добрата игра и во второто полувреме, високиот ритам донесе 33 поени за „зелено-белите“ во третата четвртина, а границата од 100 постигнати поени беше надмината веќе на почетокот на последните десет минути.

Седум играчи во домашниот состав забележаа двоцифрен број на поени од кои најрасположен со 19 поени и 9 скока беше Игор Кесар, додека него го следеше Џаз Вилијамс со 18 поени и 9 асистенции. Во спортивниот табор, Џуниус Провел натпреварот го заврши со 21 поен и 4 скока, а Виктор Ташковски додаде 15 поени.

Се вчитува...