Блажевски по „стотката“ за Вардар: Цел живот ќе го памeтам триумфот над Фенербахче

Дејан Блажевски на куп-средбата со Шкендија се приклучи на групата на играчи со 100 настапи во дресот на Вардар. Одличниот офанзивен фудбалер во разговор за официјалната веб-страница се наврати на своите најубави моменти во црвено-црниот дрес, од кои на врвот се наоѓа историската победа во Истанбул над Фенербахче.

Во овие 100 натпревари имало многу добри моменти во дресот на Вардар. Три освоени шампионски титули кои што ќе ми останат во вечно сеќавање, но дефинитивно за мене најдобриот момент е пласманот на клубот во групната фаза од Лигата на Европа. Натпреварот со Фенербахче ќе го паметам вечно. Бев капитен на тој натпревар кој што беше најважниот во историјата на клубот. Победивме и поминавме понатаму, се пласиравме во Лигата на Европа, ја имав таа чест да се запишам во историјата на Вардар“ – вели Блажевски.

Воедно, тој е еден од оние чии имиња ќе останат запишани во историјата како стрелци на голови во дебитантската сезона на Вардар во групната фаза од Лигата на Европа, со прекрасниот погодок на гостувањето во Санкт Петербург против Зенит.

„Среќен сум за тој гол, но жалам за испуштената шанса да освоиме барем бод од тоа гостување против силна екипа каква што е Зенит . Во секој случај тој ми е еден од подрагите голови во дресот на Вардар во изминатите 100 натпревари. Беше убав, со волеј удар од дваесетина метри и постигнат против екипа која е еден од фаворитите за освојување на Лигата на Европа“, истакнува Дејан Блажевски.

Се вчитува...