Борусија Менхенгладбах е „пеницилин“ за Баерн

Новата година во Бундес-лигата почна со големо изненадување, откако шампионот Баерн Минхен загуби на домашен терен од Борусија Менхенгладбах со 1-2. Тимот на Борусија Менхенгладбах уште еднаш се покажа како кошмар за баварскиот гигант, откако сезонава веќе го елиминираше Баерн од Купот на Германија со преубедливи 5-0, а има и подобар скор во последните шест години од дуелите со големиот фаворит (девет победи, наспроти шест на Баерн и две нерешени средби).

Баварците се соочија со бројни отсуства за овој меч, но Роберт Левандовски погоди на самиот почеток и најави нов триумф за актуелниот првак. Гостите сепак имаа поинакви планови, па во рок од пет минути во првото полувреме направија целосен пресврт, најпрвон Нојхаус погоди за израмнување, пред Лаинер да го комплетира пресвртот. Избраниците на Нагелсман се обидоа да се вратат, но и покрај неколкуте убави шанси не успеаја да постигнат и втор гол, за само трет овосезонски пораз на Баерн во Бундес-лигата.

Баварскиот гигант има девет бода предност во однос на второпласираната Борусија Дортмунд, но „милионерите“ имаат можност да ја намалат негативата доколку стигнат до позитивен резултат на утрешното гостување против Ајнтрахт.

Мечот ќе остане запишан во историјата и по тоа што Пол Ванер, кој во второто полувреме го замени Марк Рока, стана најмлад фудбалер што настапил за Баерн во Бундес-лигата. Ванер е на возраст од 16 години и 15 дена, убедливо уривајќи го досегашниот рекорд на Мусиала, кој дебитираше за Баерн на 17 години и 115 дена.

Се вчитува...