„Бродолом“ на Македонија во вториот дел, Грузија носи три бода од Скопје!

Грузиската репрезентација нема намера да застане со својата серија во Лигата на Нации, и дојде до третата победа во групата Ц4. Грузија целосно се одмазди за поразот од Тбилиси, и вечерва ја „прегази“ Македонија победувајќи убедливо со 0-3.

Сите три гола паднаа во второто полувреме кога имаше несфатлив пад во играта, во тактиката и во сите сегменти на Македонија, а тоа го искористија Грузијците кои после првиот, брзо постигнаа и втор, а потоа стигна и третиот гол.

Дека Грузија беше опасна од противнапади, покажа во првиот дел. Контрите беа најсилното оружје, меѓутоа лекцијата како да не беше научена од Македонија, па во 52. минута токму од контра Грузијците дојдоа до предност. Од левата страна продор, топка до Зивзивадзе и предност за гостите.

Најопасниот во грузискиот табор Кварацхелија донесе и 0-2 десет минути по првиот гол. Со удар од далечина го „матираше“ Димитриевски кој се обиде, но не одбрани. Топката од стативата влезе во мрежата. Претходно веднаш по голот во шанса се најде Зивзивадзе, но сам пред голот со глава се обиде само над пречката.

Милевски се обиде со измени да ја „размрда“ македонската селекција, но не успеа. Во 84. минута Димитриевски по трет пат капитулираше и ја вадеше топката од својата мрежа. Китеисшвили оставен сам на другата страна и од нафрлена топка стрела во мрежата.

За Македонија шанси имаа само Трајковски кој шутираше крај голот во првиот дел, и Елмас. Во вториот дел два удари на Барди од далеку, но тоа беше лесен плен за грузискиот голман.

На крајот победа на Грузија, а што се случи со Македонија во вториот дел, веројатно ќе треба да објасни селекторот Милевски и самите играчи. Грузија продолжува да гази кон првото место во групата и можност да ја поправат грешката од пред две години и да се најдат во нов бараж за пласман на ЕП преку Лигата на Нации.

Се вчитува...