Бунт во Словенија: Ракометарите „контра“ Вујовиќ

Веселин Вујовиќ се наоѓа пред отказ од функцијата селектор на Словенија откако црногорскиот стратег влегол во сериозен конфликт со дел од ракометарите. Медиумите од оваа земја тврдат дека дел од клучните играчи испратиле јасна закана до челниците на федерацијата, дека планираат воопшто да не настапат на претстојниот европски шампионат доколку Вујовиќ остане на клупата.

Токму ова било тема на денешниот итен состанок што бил свикан од страна на претседателот Бобинац, поради кој за два часа била одложена и ждрепката за двојките од Купот на Словенија. По долга расправа, присутните на состанокот одбиле да дадат конкретен коментар, но извори блиски до раководството тврдат дека „Вујо мајсторе“ нема да го преживее овој бунт. Главен кандидат за нов селектор на Словенија е поранешниот ас на Киелце, Урош Зорман.

Веселин Вујовиќ ја одведе Словенија на ОИ во Рио де Жанеиро, потоа стигна и до бронзениот медал на СП во Франција. Сепак, променливите игри и резултати во последно време придонесоа тој да ја загуби поддршката од ракометарите, но и од челниците на федерацијата, што по се изгледа ќе резултира со негов отказ на помалку од два месеци до почетокот на ЕП 2020.

Се вчитува...