Чкембари доаѓаат во Аеродром за дербито МЗТ – Пелистер

МЗТ Скопје и Пелистер денеска го играат првиот од двата суперлигашки дерби-дуели кои ќе одлучат која од овие две екипи како прворангирана ќе влезе во плејофот.

Битолчани влегуваат со една победа повеќе во однос на „металците“ во овој натпревар, а згора на тоа на трибините во СЦ „Јане Сандански“ ќе ја имаат поддршката од навивачката група „Чкембари“, која ќе допатува од Битола за дербито во скопски аеродром. Приоритет за спортскиот директор Јовановски и за тренерот Илиевски во изминатиот период беше препознавање на квалитетот на проектот КК Пелистер од битолската јавност, нешто во што двајцата успеаја, за добивање на поддршка што многу ќе значи во битките за највисок пласман во мак-баскетот.

„Проектот КК Пелистер ја обедини кошаркарска Битола! Она што го најави новата управа, на чело со претседателот Талевски и спортскиот директор Јовановски добива потврда. КК Пелистер и навивачката група „Чкембари“ се обединети и првпат поддршката екипата ќе ја има на гостување.

Најдобрата навивачка група ќе го бодри лидерот на табелата на гостувањето во Скопје против екипата на МЗТ Скопје Аеродром в четврток попладне од 18:00 часот. Ова е прво гостување на навивачката група „Чкембари“ на кошаркарски натпревар по 16 години“, објави КК Пелистер на својот официјален фејсбук профил.

Се вчитува...