Чочороски: На кого му пречат нови кошаркарски центри во Македонија?!

Новалијата во Првата лига, тимот на Црн Дрим го забележа и четвртиот пораз оваа сезона откако во заостанатиот натпревар од првото коло загуби на гостински терен од Вардар со 76-72, во неизвесен натпревар кој беше решен на 15 секунди пред крајот.

Избранците на Чочороски имаат за што да жалат, бидејќи го имаа и последниот напад на натпреварот при резултат 72-71, но на седум секунди пред финишот новото засилување Каухерд при пренос на топката, по агресивната одбрана на Провел ја загуби топката, а веднаш потоа направи и фаул кој судиите го карактеризираа како неспортски. Раководството на клубот од Стуга не е задоволно од судењето на денешниот натпревар, а според нив оваа ситуација беше само една од неколкуте судиски грешки на денешната средба.

„Му честитам на тимот на Вардар кој стигна до победа со „одличното“ судење на судиската тројка од Скопје и Куманово, кои со четири последователни грешки директно влијаеа на конечниот исход на натпреварот. Жално е што некој се труди да направи нов кошаркарски центар на западот од државата, но јасно е дека на некој истото му пречи“ – изјави по крајот на натпреварот тренерот на Црн Дрим, Петар Чочороски.

Се вчитува...