Чурлинов: Секој натпревар е важен за освојување на првото место

Фудбалската репрезентација на Македонија в четврток ќе ја пречека Грузија на домашен терен во натпревар од 3. коло од Ц групата во новата сезона од натпреварувањето на УЕФА, Лигата на нации.

По првите два натпревари против Бугарија и Гибралтар, „црвено-жолтите“ собраа четири бода. Дарко Чурлинов пред мечот со Грузија вели дека секој натпревар е важен и мора да се оди на победа.

„Знаеме дека Грузија е сериозен противник, но ние веруваме во нашите квалитети. Ако ги исполниме задачите кои ни се зададени од селекторот мислам дека нема да имаме проблеми. Последните два натпревари беа друг тип. Не мислам дека нивото ни беше ниско, туку тие натпревари ги играш со позатворен противник и гледаш да земеш три бода. Наша цел е да завршиме на првото место. Во моментов размислуваме само на секој следен меч. Секој натпревар е клучен и мора да победиме на секој меч“, изјави Чурлинов. 

Натпреварот меѓу Македонија и Грузија кој ќе се игра на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е закажан за во четврток со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...