Минаа речиси пет месеци од тешката повреда на Дамјан Стојановски, чии лигаменти во коленото настрадаа за време на квалификацискиот натпревар на македонската репрезентација, на гостински терен против Велика Британија. Врз екс-капитенот на МЗТ Скопје беше извршен хируршки зафат во Австрија, проблемите со предните вкрстени лигаменти на десното колено беа санирани, а рехабилитацијата засега минува во најдобар ред.
„Минатата седмица без на прегледи во Австрија, кај хирургот што ме оперираше и можам да кажам дека рехабилитацијата се одвива според планот. Се чувствувам добро, немам никакви болки во коленото и за кратко време треба да почнам со трчање. Не би сакал да давам прогнози околу својот камбек на терените, се надевам дека тоа ќе се случи наскоро и сезонава ќе заиграм повторно кошарка“ – изјави Дамјан Стојановски.
Со оглед на фактот дека станува збор за еден од најдобрите кошаркари во нашата лига уште од првиот момент кога се врати назад од Лукоил во мак-баскетот, нормално е што за Стојановски се интересираат речиси сите врвни клубови во Македонија иако се уште не е познато кога тој ќе биде во можност да се врати на терените.
„Имаше неколку клубови кои искажаа интерес и имав неформален разговор, но се уште е рано да говорам за некаков трансфер. Мене најважно во моментов ми е целосно да заздравам, а на терените да се вратам само кога ќе бидам максимално подготвен за такво нешто“ – вели Стојановски.
Во домашното првенство во тек се уште е првата фаза, до почетокот на преодниот рок и стартот на Супер-лигата (почетокот од март) има доволно време за Дамјан да ги мине и следните предизвици, па македонскиот репрезентативец да стане суперзасилување за еден од клубовите кои ќе атакуваат на титулата во финишот од оваа натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА