Демонстрација на силата на МЗТ Скопје: Пелистер настрада во Аеродром

МЗТ Скопје со фантастичен меч го декласираше Пелистер со преубедливи 95-76, покажувајќи дека аеродромци влегуваат во топ-форма за клуичниот дел од сезоната. Одбраната беше на посакуваното ниво, но нападот беше главно оружје на тимот на Александар Петровиќ на овој меч, „сино-белите“ беа одлични во реализацијата, наметнувајќи темпо што гостите од Битола не можеа да го следат. Евидентно беше дека Игор Кесар не е во можност да го даде максимумот (повреда или болест), српскиот центар не беше ниту во стартната петорка, а во она време што го мина на теренот беше далеку од посакуваниот ритам, речиси без земен шут кон противничкиот кош.

Пелистер тргна со ниска петорка, со Младеновски на центар, Ѓуроски на „четворка“ и Стајиќ, Крстајиќ и Малешевиќ на надворешните позиции. МЗТ знаеше како да го искористи тоа, па преку високите Рикиќ и Дејвис уште во раната фаза од мечот стигна до солидна предност. Првата двоцифрена предност аеродромци ја имаа уште во деветтата минута кога Милошевиќ реализираше за 26-16, за по тројката на Младеновиќ првата четвртина да заврши со резуилтат 26-19. Гостите на стартот од вториот период намалија на 26-23, а последниот неизвесен резултатот беше водството на МЗТ од 35-31 по поените на Стајиќ во 15. минута. Следеше серија на „металците“ од 9-0 по која „сино-белите“ повторно се одлепија, за со тројката на Војдан Стојановски на одмор да заминат со водство  од 47-35.

Сите надежи на гостите од Битола за резултатски камбек паднаа во вода во почетните минути од третата четвртина, во која МЗТ Скопје продолжи да доминира, па преку Рикиќ стигна и до првото водство од „плус 20“ (60-40). Шутот од далечина ги служеше домаќините во овој дел од мечот, па рутински ја одржаа убедливата предност и во последната четвртина се влезе со резултат 78-55. Последните десет минути беа рутина за „металците“, кои умешно ја одржуваа убедливата позитива, на крајот славејќи со „плус деветнаесет“.

Центрите на МЗТ ги имаа најдобрите бројки во домашниот табор, Милошевиќ беше најефикасен со 17, пред Дејвис со 16 и Рикиќ со 13 поени, додека Дамјан Стојановски реализираше 12 поени. Малешевиќ беше најефикасен во Пелистер со 17 поени, два повеќе од Кесар, кој поголемиот дел од поените ги постигна откако победникот веќе беше решен.

Се вчитува...