Дербито на колото во Аеродром: МЗТ Скопје го пречекува Еуро Никел

Убедливо најинтересниот натпревар во осмото коло ќе се одигра во Аеродром каде од 17 часот МЗТ Скопје ќе го пречека Еуро Никел 2005.

Аеродромци беа во добар ритам на почетокот на сезоната, одиграа шест натпревари во две конкуренции, но коронавурусот направи проблеми и кај актуелниот шампион па сега „сино-белите“ се без натпревар речиси месец дена. Сепак оптимизмот владее во таборот на аеродромци, кои ја знаат и „рецептата“ за одбрана на домашниот терен.

„После месец дена кончено се враќаме на натпреварите во домашното првенство. Го дочекуваме секогаш незгодниот и искусен противник Еуроникел, а доколку сакаме да оствариме победа мораме да бидеме агресивни во одбраната со многу енергија. Во нападот треба да одиграме паметно и добро да ја движиме топката. Поради ситуацијата со вирусот имавме долг прекин, но мораме да излеземе појаки и да се вратиме на старите патеки“ – изјави за ЕКИПА, Андреј Магдевски.

Во слична ситуација е Еуро Никел кој нема одиграно натпревар повеќе од месец дена. Кавадарчани требаа да се соочат со Пелистер изминатиот викенд, меѓутоа истиот беше одложен. Искусниот тим на Самарџиев немаше многу време за подготовка за овој натпревар, но „сино-белите“ се спремни и за овој предизвик.

„Доцна дознавме и немавме многу време за подготовка за овој натпревар, кратко е времето, но како и секогаш ние даваме максимум и одиме на победа.  Добро сме покриени на сите позиции и доколку влеземе во натпреварот мотивирани и одиграме добро на двата дела од теренот, поготово во одбраната можеме да издвоиме победа на гостински терен“ – изјави за ЕКИПА, Никола Караколев.

Се вчитува...