Дербито во Маџари: Шкендија е тест за вистинската нова моќ на Шкупи!

Шкупи ќе го има првиот свој вистински тест по големата реконструкција на тимот и квалитетните засилувања со кои си наметна амбиции за излез на европската сцена следната сезона. Денеска од 14 часот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари во рамките на 20. коло од ПМФЛ, Шкупи во пресметка со лидерот Шкендија. Во меч кој треба да покаже до каде се границите на овој нов тим на Ардијан Нухиу.

„Задоволни сме од стартот на пролетната сезона и убедливата победа против Академија Пандев. Секако задоволен сум и што почнав во дресот на Шкупи со хет-трик. Тоа беше победа за најверните навивачи на клубот, а сега не очекува вистински тест на квалитетот. Шкендија е најдобриот колектив во моментов во Македонија. Ќе биде многу тежок натпревар, но подготвени сме максимално да одговориме на предизвикот“ – вели првиот напаѓач на чаирчани, Баже Илијоски.

Од друга страна, на Шкендија неопходни и се бодовите како би ја одржувала предноста од осум бода на табелата во однос на Вардар. По претходното реми (1-1) на дербито со Вардар, сега не смее да се дозволи пораз за да се одржи разликата.

ПМФЛ – 20. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Скопје: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА

Битола: ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ

Турново: А. ПАНДЕВ – СКОПЈЕ

Скопје: ВАРДАР – ПОБЕДА

ВЧЕРА

РЕНОВА – СИЛЕКС 0-0

Се вчитува...