Драмата на „Кале“ со среќен крај за ТФТ

По четириесет минути голема борба на „Кале“, во неизвесната завршница на победа се радуваше ТФТ, кој успеа да го добие натпреварот против Вардар со 99-100, благодарение на мирната рака на Тај Харис од линијата за слободни фрлања.

Натпреварот започна во споро темпо во кое двата тима не дозволуваа лесни поени па набргу го исполнија бонусот, со што двата тима влегоа во проблем со лични грешки кај своите стартери. Благодарение на речиси перфектната реализација од линијата за слободни фрлања, ТФТ имаше предност до седмата минута од натпреварот (13-19). По тајмаутот на Јованчев следеше консолидирање на играта во редовите на „црвено-црните“. На сцена настапи фантастичниот Провел, кој го искористи „штедењето“ од нови лични грешки во редовите на ТФТ, а со добрата игра во транзиција, брзиот Американец беше незапирлив. Постигна 13 поени и донесе водство за својот состав од 26-23 по десет минути игра. Добриот ритам од првите десет минути не продолжи до крајот на првото полувреме. Двата тима промашуваа отворени шутеви, а седум минути му беше потребно на еден тим да постигне двоцифрен број на поени. Иницијативата ја превземаа избраниците на Смилковски кои со поените на Митревски, Харис, Андерсон и Хортон направија серија од 16-2 и стигнаа до двоцифрена предност, која Вардар успеа да ја ублажи во последниот напад на првото полувреме со тројката на Њувес за на семафорот по 20 минути игра да стои 42-51.

Изедначената игра како во првите десет минути продолжи и на почетокот на второто полувреме. Избраниците на Јованчев први го нарушија ритамот и преку поените на Провел и Лефковски стигнаа до негатива од „минус“ шест (57-63), но ТФТ набргу ја консолидира својата игра, заигра подобро во одбаната, ги намали лесните поени на противникот, а ги искористи и грешките на противникот и повторно стигна до двоцифрена предност. Вардар не се предаде, го искористи добриот моментум па со поените под обрачот на гостите и добрата одбрана под својот рекет ги примори гостите на шут од далечина со што брзо ја намали предноста на тимот од Тафталиџе и стигна до негатива од еден напад (81-83) на средината на последната четвртина. Неизвесниот натпревар траеше се до последните секунди на натпреварот во кои прво со тројката на Ивановиќ, Вардар стигна до предност од 99-98, но веќе во следниот напад брзиот Тај Харис му избега на својот „чувар“, Ивановиќ мораше да фаулира, а мирната рака на Американецот од линијата за слободни фрлања ги донесе конечните 100-99, и покрај тоа што последниот напад на натпреварот го имаше домашниот состав, но Провол не успеа да постигне поени на истекот на времето.

Џуниус Провел беше незапирлив во редовите на Вардар со 38 поени и 6 скока, додека Виктор Ташковски додаде 15 поени и 6 асистенции. Американското трио, Хортон, Андерсон и Харис го предводеше тимот од Тафталиџе со 28 поени и 4 скока, односно 25 поени и 4 скока, и 24 поени и 8 асистенции. Андреј Митревски додаде 13 поени, а забележа и 3 скока.

Се вчитува...