Душко Ивановиќ со слатка одмазда за Црвена Звезда

Црвена Звезда се уште е без триумф на гостувањата во Евролигата откако вицепрвакот на АБА-лигата вечерва загуби на мечот во Виторија против Басконија со минимални 87-85. Ова беше слатка одмазда за домашниот тренер Душко Ивановиќ, кој беше отпуштен од „црвено-белите“ на стартот од сезонава, набрзо потоа седна на клупата на Басконија со која бележи одлични резултати, вклучувајќи го и вечерашниот триумф над поранешниот клуб.

Басконија имаше водство цел натпревар, но „црвено-белите“ се вратија од „минус десет“ на помалку од две минути до крајот, израмнувајќи го резултатот на десетина секунди до крајот. Седекерскис беше фаулиран и ги погоди двете слободни фрлања, по што Гидраитис го имаше шутот за победа за Црвена Звезда, но тројката на Литванецот не беше прецизна и бодовите останаа во Шпанија.

Басконија постигна дури 17 тројки на натпреварот, а најефикасни беа Седекерскис со 18 и Хауард со 17 поени. Кај Црвена Звезда прв стрелец беше Гидраитис со 24 поени, пред Боломбој со 14.

Виртус Болоња со уште еден одличен офанзивен меч славеше на домашен терен, овојпат над Макаби со 100-90. Шенгелија беше супериорен во дуелите со противничките кошаркари постигнувајќи 27 поени и 8 скокови, а искусниот Белинели придонесе со 22 бода во овој триумф на својот тим. Браун имаше 26 за Макаби, Болдвин постигна 20 поени, но и тоа беше недоволно за да се стигне до триумф.

Барселона со супериорно второ полувреме го совлада Фенербахче со резултат 89-81. Каталонците на одмор заминаа со негатива од 38-50, но одиграа одлично во преостанатиот дел од мечот, правејќи целосен пресврт за заслужен триумф. Центарот Вили Хернангомез го одигра најдобриот меч за Барса сезонава постигнувајќи 21 поен и 9 скокови, Лапровитола учествуваше со 15 поени во овој триумф на каталонскиот гигант, додека прв стрелец на Фенербахче беше Хејс-Дејвис со 18 поени.

Се вчитува...