Два меча од Првата лига: Шкендија на гости кај Работнички, Пелистер на мегдан со Ренова во Тетово

Шкендија по пласманот во полуфиналето на Купот на Македонија се враќа на првенствените обврски и денеска (14 часот) на арената „Филип Втори“ во Скопје ќе му гостува на Работнички, во рамките на 23.коло од Првата фудбалска лига. Без капитенот Хасани, но со доволно квалитет во својот тим, Шкендија посакува да продолжи со победнички чекор и на дуелот со „романтичарите“.

„Сакаме да ја задржиме и да ја зголемиме предноста на табелата. Ние сме лидери, имаме огромна самодоверба по триумфот над Вардар во Купот, и сакаме да оствариме нов триумф и во првенството“, порачува напаѓачот на Шкендија, Изаир Емини.

Работнички, сепак, се надева дека може да го земе скалпот на лидерот. Левиот бек Себастијан Херера најавува борба за трите бода.

„Шкендија е фаворит, се наоѓа на лидерската позиција на табелата и има навистина квалитетен тим. Но, ние играме на домашен терен и максимално сме мотивирани да ги совладаме. Нашата цел е излез во Европа, а за да ја оствариме потребни ни се што е можно повеќе бодови во завршницата на шампионатот. Го сакаме скалпот на лидерот и ќе сториме се за да стигнеме до триумф на утрешниот натпревар“, вели Себастијан Херера.

Во Тетово, денеска силите ќе ги одмерат Ренова и Пелистер. Тоа е битка за бегство од дното и приклучување кон средината на табелата. Во моментот, „гипсарите“ имаат само еден бод повеќе во однос на Пелистер.

Останатите три натпревари од 23.коло на програмата се утре, а се среќаваат: Силекс – Шкупи, Скопје – Вардар, Победа – Академија Пандев (во Охрид).

 

Се вчитува...