Екипа Топ 5: Идеална петорка на деветтото коло

Во насока на засилена промоција на кошаркарската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од Првата македонска кошаркарска лига. Јасно е дека пандемијата на коронавирусот сериозно ќе влијае на навремено одигрување, без никакво одложување, на сите натпревари од актуелно коло, поради што во изборот влегуваат натпреварите кои единствено се одиграле согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Во деветтото коло од Првата лига беа одиграни три од предвидените шест средби во кои на победи се радуваа Академија ФМП која на домашен терен го доби ТФТ, Гостивар кој беше поуспешен од Вардар и Пелистер кој забележа нова победа со повеќе од 100 поени, овој пат над Црн Дрим.

Идеалната петорка на колото ја сочинуваат бекот на „пантерите“, Рони Харис кој беше еден од предводниците на тимот од Кисела Вода со 22 поени, девет скока, пет асистенции и една украдена топка, како и двата играчи на Гостивар, Малколм Армстед и Ренато Димитриевски кои беше непогрешливи на натпреварот во „Младост“.

Американецот натпреварот го заврши со 17 поени (3/3 за два, 3/3 за три и 2/2 за еден поен), а згора на тоа додаде и три скока, две асистенции и две украдени топки. Капитенот пак броеше до 14 поени (2/2 за два, 3/3 за три и 1/1 за еден) кои ги дополни со два скока, три асистенции и една украдена топка.

Втор пат во низа во петорката на колото се најде и крилниот центар на Пелистер, Игор Кесар кој натпреварот во Струга го заврши со 26 поени со само два промашени обида од поле (11/13), шест скока, една асистенција и една блокада. Речиси перфектен беше и Теодор Атанасов од Академија ФМП кој натпреварот во Кисела Вода го заврши со 20 поени со шут 8/9 од поле, а еден скок го делеше од дабл-дабл учинок.

Се вчитува...