Елиф Елмас – „дијамантот“ наследник на Пандев: Наполи има фудбалер вреден 40 милиони евра

Елиф Елмас го одигра еден од најдобрите натпревари во дресот на македонската репрезентација, за уште еднаш максимално да го привлече вниманието на фудбалска Европа која повторно на дело синоќа во Дуисбург го виде македонскиот „дијамант“.

Ниту извонредната статистика која остана зад играта на 21-годишниот Елмас, со постигнат погодок за победа, 24 прецизни офанзивни додавања од кои две во клучни акции и 90 беспрекорни минути, не се толку важни – а се импресивни, кога ќе се погледне начинот на кој едно момче се однесуваше на терен, како ја пренесува енергијата на соиграчите и како умее да ја контролира играта во секоја мера.

И италијанските медиуми не можеа да останат слепи на изданието на Елмас кој дефинитивно е наследникот на Горан Пандев во македонската репрезентација. Момчето кое фудбалски се уште не кажало ништо, пред кого е повеќе од богата иднина, а веќе има извонредно минато за кое може да раскажува.

За тоа е свесен и неговиот агент, Џорџ Гарди, кој за италијанските медиуми вели дека Наполи има невиден бисер вреден 40 милиони евра.

„Елиф сака да игра на левата крилна позиција. Тоа е улогата во која ужива, иако може да настапува на повеќе позиции. Кога во Наполи не игра на неговата природна позиција има проблем“ – вели Гарди, објаснувајќи го неговото синоќешно одлично издание, а веднаш дополнувајќи:

„Кога пристигна во Наполи дојде на инсистирање на Карло Анчелоти. Сега е со друг тренер, не игра на својата позиција во системот 4-2-3-1, но сепак повторно има добри настапи. Наполи треба да знае дека има млад фудбалер, вистински бисер, еден од лидерите на националниот тим на Македонија кој секогаш постигнува голови. Бисер кој вреди 30-40 милиони евра“.

Се вчитува...