Елмас „бетониран“ на клупата, најава за јануарски трансфер

Елиф Елмас лани имаше добра дебитантска сезона во дресот на Наполи, во финишот добиваше се поголема минутажа од тренерот Гатузо, па се очекуваше тој тренд да продолжи и во 2020/21. За жал, ситуацијата од стартот на оваа сезона целосно се промени, улогата на македонскиот репрезентативец е крајно маргинализирана, за што доволна потврда е фактот дека тој не беше стартер на ниту еден натпревар на Наполи во Калчо-лигата.

Бројките се поразителни, Елмас влегол во игра на девет натпревари, сезонава во Серија А одиграл вкупно 166 минути, постигнувајќи еден погодок (во победата од 6-0 над Џенова). Тој пристигна во Наполи како засилување за средниот ред, но таму конкуренцијата сериозно се засили во последните месеци со доаѓањето на Бакајоко, кој е незаменлив кај тренерот Гатузо. Во меѓувреме, Елмас често добиваше шанса и во напаѓачкото трио, најчесто кога отсутен беше капитенот Инсиње, но и тоа веќе не е случај.

Сите најави говореа дека „дијамантот“ ќе го стартува синоќешниот дуел со Лацио. Во ситуација кога повредени беа Мертенс и Осимен, а суспендиран Инсиње, Елмас делуваше како сигурна опција. Сепак, Гатузо повторно го „бетонираше“ Македонецот на клупата, давајќи им предност на Политано, Лозано и на Петања во навалното трио. Елиф потоа влезе на местото на Политано, но „наполитанците“ веќе беа во негатива и на крајот претрпеа заслужен пораз. Последен пат Елмас беше стартер на 26 ноември, на дуелот од ЛЕ против Ријека (2-0 за Наполи), при што беше заменет во 69. минута со Дрис Мертенс.

Што е следно… На шест месеци до почетокот на ЕВРО 2021 нема сомнеж дека на Елиф Елмас му е неопходно да биде во натпреварувачки ритам за да може да го даде максимумот во дресот на македонската репрезентација. Проблемот е во тоа што Гатузо не смета сериозно на него, па заминување во јануари делува како најреална опција. „Наполитанците“ јасно ставија до знаење дека немаат намера да го продадат „македонскиот дијамант“ одбивајќи ја последната понуда на Бенфика, но позајмица на шест месеци се чини како најдобра опција за сите страни, Елмас би ја добил неопходната минутажа, а Наполи за почетокот од наредната сезона би имал играч со добар натпреварувачки ритам, со значително зголемено искуство на големата сцена.

Бенфика е еден од клубовите подготвени да го земат Елмас на позајмица, заедно со прволигаши од Германија и од Италија, па се очекува трката по македонскиот репрезентативец допрва да се разгори.

Се вчитува...