Еуро Никел ги спречи лесните поени и славеше против ТФТ

Еуро Никел стигна до 16. победа во првенството откако во 3. коло од Суперлигата славеше на домашен терен против ТФТ со 87-73. Избраниците на Самарџиев успеаја да ја добијат скок играта (42-21), а со тоа и да го неутрализираат најдоброто оружје на гостите – транзицијата и сосема заслужено се радуваа на нова победа.

Гостите од Скопје на крилјата на Смит и Бошоп први ја превземаа иницијативата, но домаќините на крилја на Соколов и Џекиќ не дозволија „одлепување“ на противникот па брзо ја вратија резултатската неизвесноста која остана до крајот на првата четвртина (25-25). Добриот ритам на двата дела од теренот продолжи и до крајот на првото полувреме со тоа што кавадарчани во еден момент поведоа со 40-33, но на спротивната страна одговори Николов со седум поени во низа за ново изедначување (40-40). До крајот на првото полувреме погодија Томиќ и Хортон па на „големата пауза“ на семафорот стоеше резултат 42-42.

Добрата одбрана на Еуро Никел проследена со течна игра во нападот каде се истекнаа расположените Димчевски и Соколов донесе предност од 55-46 на средина на третата четвртина, а искусниот состав на Самарџиев успеа да го задржи моментумот и до крајот на 30. минута до која имаше предност од 67-55. Во одлучувачките десет минути Еуро Никел стигна до предност од 70-57, но тајм-аутот на Смилковски го врати ТФТ во игра. Агресивната одбрана создаде проблеми во организацијата на играта на домаќините, а промашените обиди беа искористени на спротивната страна за сведување на негативата на само 70-65, но „црно-белите“ немаа сили за целосен пресврт, а како што одминуваа минутите Еуро Никел успеа да најде решение во нападот, ја врати високата предност и приреди мирен финиш на мечот.

Бранислав Џекиќ со 22 поени и 9 скока беше лидер на домаќините, додека него го следеа Соколов со 21 поен, 8 скока и 5 асистенции и Томиќ со дабл-дабл од 14 поени и 10 скока на кои додаде и 5 асистенции. Како двоцифрен мечот го заврши и Димчевски кој броеше до 13. Ландриус Хортон со 19 поени и 6 скока беше прво име кај гостите, 14 поени додаде Бишоп, а со 11 поени и 5 скока натпреварот го заврши Николов.

Се вчитува...