Еуро Никел се разбуди во вистински час и го освои Тафталиџе

Еуро Никел ја прекина серијата од четири порази во Супер-лигата, триумфирајќи на гостувањето против ТФТ со 73-75, во директната пресметка за место кое води во плејофот. Избраниците на Горан Самарџиев успеаја да ги надминат проблемите со кои се соочија во изминатиот период и одиграа квалитетен меч, стигнувајќи до толку посакуваните бодови кои сигурно ќе им ја кренат самодовербата пред клучниот дел од сезоната.

Кавадарчани тргнаа одлично уште од самиот почеток, првото поголемо водство го имаа во стартната четвртина, кога стигнаа до 12-19. ТФТ очекувано се врати, за момент во втората четвртина поведе со 33-32, за на одмор да се замине со водство на гостинскиот состав од 37-39. Пресудна се покажа последната четвртина, во која кошаркарите на Самарџиев заиграа одлично и поведоа со 61-71. Домашниот состав за момент се врати, стигна до само еден поен негатива, но немаше сили за камбек, па бодовите заслужено патуваат за Кавадарци.

Самарџиски постигна 15, а Соколов 13 поени за победничкиот состав, додека најефикасен во редовите на ТФТ беше Александар Костоски со 25 поени.

Се вчитува...