Фантастичниот Костоски го одведе ТФТ во разигрувањето за титула

ТФТ е последниот патник во разигрувањето за титула откако „црно-белите“ го добија натпреварот „да се биде или не“ против Гостивар од последното коло во Суперлигата со 87-80 благодарение на фантастичниот Александар Котоски. Поранешниот македонски репрезентативец беше енигма за противничките кошаркари, искусно погоди кога беше најпотребно и го доведе својот тим во уште една битка за трофеј.

Отварањето на натпреварот им припадна на кошаркарите на Гостивар кои го затворија рекетот и го натераа противникот на тешки обиди, а на спотивната страна беа расположени во реализација за три поени па поведоа со 7-14, но не успеаја да ја задржат високата реализација. ТФТ одговори со агресивност во одбраната која донесе лесни поени на спротивната страна, го проби и рекетот па изедначи на 16-16. Тајм-аутот на Димитриевски вроди плод, а по него Гостивар успеа да ја стабилизира играта. Ја врати агресивноста во одбраната, стигна и до поени од втора шанса во нападот па поведе со 16-25 по 10. минути игра. Добриот моментум на гостиварци продолжи и во вториот дел од првото полувреме. Ефремовски и Рансом донесоа предност од 18-33, но како што одминуваа минутите ТФТ ја сопре високата реализација на Гостивар, успеа да стигне и до поени по офанзивен скок па од минута во минута ја топеше предноста за 41-46 на полувремето.

Второто полувреме донесе игра „кош за кош“ во кој прв иницијативата ја превзема ТФТ. „Црно-белите“ успеаја да се одбранат од „пик“ играта на Гостивар и го нарушија ритамот на гостите, а го имаа фантастичниот Костоски на чии крилја поведоа со 58-54. „Сино-белите“ по тајм-аутот успеаја да го запрат налетот на „црно-белите“, најдоа и решение во рекетот преку високите играчи па пред одлучувачката четвртина остана резултатската неизвесност (66-63). Истата продолжи и во поголемиот дел од неа со тоа што ТФТ постојано ја одржуваше стекнатата предност, а преку фантастничниот Костоски кој беше енигма за гостите да стигне до предност од 82-75 на две минути до крајот и да ги реши дилемите за победник.

Алекснадар Костоски со 36 поени, 5 скока и 6 асистенции беше лидер на ТФТ, додека него го следеше Двејн Морган со 18 поени и 4 скока. 19 поени и 8 скока за гостите постигна Алекснадар Тодоровиќ, 18 поени додаде Виктор Ефремовски, додека со 17 поени и 7 асистенции мечот го заврши Кахим Рансом.

За Гостивар ова беше последен натпревар во сезоната, додека ТФТ во полуфиналето од плеј-офот ќе се сретне против МЗТ Скопје.

Се вчитува...