Фитнес центрите и базените се меѓу најпогодените поради пандемијата од коронавирусот во нашата земја. И покрај зголемениот број на случаи кои ги бележиме во последните две седмици, животот во земјата полека се враќа во нормала. Сепак, и новите попуштања на мерките не се доволни за да бидат реотворени објектите во кои луѓето се грижат за своето телесно и ментално здравје. Огромен број на луѓе реагираат дека во овој период во кој сите се грижат за физичкото и психичкото здравје, спортувањето треба да има голем ефект, а фитнес центрите и базените се можеби и од клучно значење.
Менаџерката на фитнес центарот „Синерџи“, Наде Костадиноски, е со став дека треба итно да бидат отворени, бидејќи сите препораки многу полесно можат да се спроведат во фитнес центрите, отколку во јавниот сообраќај или на пазарите.
„Сите сме сведоци на новата состојба која ја предизвика пандемијата на коронавирусот, и подготвени сме да функционираме во услови на таа нова состојба. Ограничен број на лица, држење растојание, дезинфекција… сите препораки многу полесно можат да се спроведат во фитнес сала, отколку во јавен превоз или на пазар. Притоа, воопшто не е за занемарување ефектот кој спортот го има врз нашето физичко и психичко здравје, а во овие услови на акумулиран стрес потребно е во брзо време да добиеме одобрение и соодветен протокол како ви можеле дисциплинирано да се грижиме за своето здравје“, вели менаџерката на „Синерџи“, Наде Костадиновски.
Со сличен став е и менаџерот во фитнес „Парк“, Никола Боглев.
„Верувам дека и на нашите клиенти исто како и на нас им недостига фитнес центарот, кој веќе 4та година е дел од нивното секојдневие, навики и култура на живеење. Изминатиов период интензивно работевме на нашата нова стратегија и идни планови. Во меѓувреме целиот објект на дневна основа темелно се дезинфицира, поминавме сите обука за применување и мониторинг на препорачаните мерки и протоколи за работа. Ги следиме протоколите и збиднувањата и во соседните земји. Исто така, работиме на апликација која ќе овозможи поголема контрола на бројот на членови во временските термини на располагање за вежбање, со цел да се одржи контрола и подобро менаџирање на времето и ресурсите, а притоа просторот помеѓу вежбањата и групите да може да се дезинфицира за следната група на клиенти. Да бидам искрен, мислев дека фитнес центрите ќе бидат едни од првите што ќе ги отворат ширум вратите,затоа што сметаме дека имаме техничка можност и капацитет на безбеден начин да овозможиме непречено функционирање. Посебно ме чуди фактот дека пред нас се даде дозвола за делување на субјекти и индустрии каде што контролата во просториите и начинот на работење се многу поризчни од нашите. Затоа сакам отворено да лобирам кон надлежните да почнат да го подготвуваат нашиот терен. Ние сме подготвени и сигурни дека доаѓаат многу посветли денови“, изјави Никола Боглев менаџер во фитнес „Парк“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА