ФК Шкупи: ФФМ за едни е „мајка“ за други „маќеа“, бараме оставка од Комесарот за натпревари!

Комесарот за натпревари на ФФМ, Васко Дојчиновски го одби барањето на Шкупи за забрана за одигрување на натпреварот од 23. коло во ПМФЛ меѓу Силекс и Шкупи во Кратово.

Чаирчани бараа натпреварот да се игра на друг стадион поради, како што велат, невозможните услови на теренот во Кратово. Но, по неприфаќањето на нивното барање сега од Шкупо со дополнителна реакција револтирано бараат оставка од Комесарот за натпревари.

„Шкупи остро реагира на одлуката да биде одбиена нашата жалба натпреварот со Силекс да се игра во Кратово и покрај катастрофалните услови кои ги нуди теренот во овој град. ФФМ уште еднаш, како и низ изминатите години покажа дека за некого е ‘мајка’, а за некого ‘маќеа’. Ова одлука е уште една во низата која не е во интерес на развојот на фудбалот. Според правилникот на ФФМ јасно се прецизира кои се минималните критериуми за организација на натпревар. Тие критериуми во Кратово не се исполнети, а Комесарот за натпревари сето тоа го игнорира. Затоа бараме господине комесар за натпреварување, Васко Дојчиновски итно да поднесете оставка затоа што му нанесувате штета на македонскиот фудбал. Вие сте директниот иницијатор натпреварот меѓу Силекс и Шкупи да се игра под невозможни услови. Вие сакате да го избркате нашиот спонзор, кој се обидува да биде меѓу најдобрите и да обезбеди место во Европа“ – се вели меѓу другото во реакцијата на ФК Шкупи.

Претходно, како што е познато, ФФМ не дозволи прволигашки натпревари на стадионот во Чаир поради катастрофалните услови за игра во есенскиот дел од шампионатот.

Се вчитува...