ФМП го преплива Вардар

Академија ФМП стигна до уште една прволигашка победа откако во градската пресметка славеше на гостувањето против Вардар со резултат 79-82. „Вардарци“ дадоа одличен отпор, беа блиску до првата победа сезонава, но на крајот пресуди поголемото искуство на гостите од Кисела Вода, кои прокнижија нови бодови на прволигашката табела.

Нападот на  Вардар функционираше беспрекорно во првата четвртина, откако домашните кошаркари во стартните десет минути постигнаа дури 26 поени, добивајќи го овој период со 26-21. Јасно беше дека „црвено-црните“ не можат да продолжат со ист ритам цел натпревар, а Академија ФМП заигра поцврсто во одбраната, по што на одмор се замина со минимално водство на „вардарци“ од 39-38.

Третата четвртина донесе серии на двата тима, најпрвин гостите од Кисела Вода поведоа со 43-57, за „вардарци“ предводени од Лефкоски да возвратат со иста мера и да се вратат во мечот. Дуелот беше израмнет буквално до последната минута, ФМП имаше водство од 73-78 на минута и пол до крајот, но Вардар се врати и го израмни резултатот. Како клучна се покажа личната грешка на Прауел при обидот за тројка на Крстајиќ, по што српскиот интернационалец донесе предност од 78-81 на ФМП на девет секунди до крајот. Гостинскиот играч ги погоди трите шутеви од линијата, по што се влезе во „пенал-завршница“ во која избраниците на Петровиќ ја задржаа предноста и стигнаа до нов триумф.

Крстајиќ одигра одличен меч за Академија ФМП со 26 поени, капитенот Главчев постигна 11 поени, додека Славчо Темелковски оствари дабл-дабл од 10 поени и 14 скокови. Кај Вардар најефикасни беа Прауел и Лефкоски со по 19 поени.

Се вчитува...