ФМП ја брка првата победа против Куманово

По триумфот над Гостивар во првото коло, составот на ФМП Академија повторно ќе се обиде да го одбрани домашниот терен и во 3. коло од Првата кошаркарска лига, овој пат против Куманово, тим против кој „пантерите“ се уште немаат триумф.

„Не очекува тежок натпревар со конкурент за висок пласман, но без разлика на тоа нашата екипа ќе влезе максимално мотивирано во овој натпревар. Од натпревар во натпревар сме повеќе воиграни и даваме максимум од нашите способности. Куманово има нов солиден тим со добри играчи. Се надевам на голема пожртвуваност како во нападот, така и во одбраната и дека ќе дојдеме до посакуваната победа“ – изјави Лука Петровски.

Куманово одлично ја започна сезоната, два меча и две победи за избраниците на Владимир Мирковски, а на овој натпревар „сино-белите“ и покрај густиот распоред ќе се обидат да го повторат префектниот старт од сезоната 2018/19 и во првите три кола да освојат шест бода.

„Во период од 10 дена ова е наш четвртти натпревар. Имаме проблем со повредите на Робев и Глигоријевиќ, но ако одиграме квалитетно во одбрана и организирано во напад ќе дојдеме до посакуваната победа. ФМП има квалитетен тим, домашниот терен како и лани така и оваа година ќе биде тежок терен за освојување за сите екипи. Верувам во моите кошаркари и заедно како тим ќе успееме да победиме“ – изјави за ЕКИПА тренерот на Куманово.

Двајцата тренери одлично го познаваат противникот. Претходната сезона Мирковски беше на клупата на составот од Кисела Вода, додека Петровиќ ги предводеше кумановци. Кој ќе успее да надигра кого, останува да видиме на натпреварот кој е со почеток од 18 часот.

Се вчитува...