ФМП подобар од МЗТ Скопје 2, нова утешна победа за Ангели

Во ситуација кога веќе е јасно дека Ангели и МЗТ Скопје 2 ќе се преселат во понизок ранг на натпреварување, последните рунди од плејаут лигата немаат преголемо натпреварувачко значење.

Академија ФМП по серијата слаби резултати конечно успеа да слави, и тоа на гостувањето против МЗТ Скопје 2 со резултат 75-81. Младите „штркчиња“ беа подобри само во третиот период што го добија со 24-14, но во последните десет минути постигнаа само седум поени (7-15) и претрпеа уште еден пораз. Филип Бакоч беше главна фигура на оваа средба со 27 поени и 16 скокови, а до дабл-дабл стигна и центарот на Академија ФМП, Леонид Тодоровски, со 21 поен и 12 скокови. Најефикасен во вториот тим на МЗТ беше Лука Петровски со 28 поени.

КК Ангели предоцна се разбуди во битките за опстанок, славејќи на домашен терен над Куманово со резултат 72-65. Избраниците на Боби Митев во последната четвртина постигнаа само осум поени, но и со таква слаба ефикасност стигнаа до победата, пред се поради слабото функционирање на нападот на кумановци во текот на целиот меч. Раме со 22 поени и 10 скокови беше главна фигура во таборот на Ангели, додека најефикасен во редовите на Куманово беше Марјановиќ со 26 поени.

Се вчитува...