Фудбал за мерак во Дортмунд: Настрада Келн како порака до Баерн Минхен

Борусија Дортмунд го декласираше Келн со 6-1 во последниот меч од денешната програма во Бундес-лигата, како јасна порака до Баерн Минхен дека „милионерите“ се решени да се борат за титулата до самиот крај на овој шампионат. Тимот од Дортмунд со овој резултат се искачи на врвот на табелата, со еден бод предност во однос на Баерн, кој утре го игра својот меч од оваа рунда, на гостински терен против Баер Леверкузен.

„Милионерите“ целата работа на денешниот натпревар ја завршија во првите 36 минути игра, во кои стигнаа до водство од 4-0. Мален беше одличен учествувајќи во речиси сите опасни акции на Борусија, холандскиот интернационалец и самиот се запиша меѓу стрелците за 4-0, а пред него прецизни беа и Гереиро, Але и Ројс.

Келн пред самиот крај на полувремето намали на 4-1, но Борусија одигра одлично и во вториот дел, стигнувајќи до уште поубедлив триумф со головите што ги постигнаа Але и Ројс.

Се вчитува...