Главчев и Дуев го предводеа Кожув до победа во Аеродром

Кожув забележа лесна и убедлива победа на гостувањето во скопски Аеродром против МЗТ Скопје 2, триумфирајќи со 76-108 против тимот што веќе ги загуби сите шанси за опстанок во елитното друштво. Во главна улога во победничкиот тим беа Дуев и Главчев, двајца домашни кошаркари кои им создадоа многу проблеми на младите „штркчиња“ и го трасираа патот на Кожув до убедливата победа.

МЗТ Скопје 2 беше подобар ривал во првата четвртина што домашните кошаркари ја добија со 27-21, но потоа дојде до голем пад во нивната игра. Кожув се врати со импресивно издание во вториот период (15-28), за гостите од Гевгелија уште во третата четвртина да ги разрешат сите дилеми околу победникот, славејќи со импресивни 16-36 во овие десет минути игра. Последната четвртина беше само рутина за гостите, кои лесно го исконтролираа резултатот за конечна победа од 32 поени разлика.

Оконкво имаше дабл-дабл од 28 поени и 13 скокови, Дуев реализираше 21 поен со само едно промашување од поле, додека капитенот Главчев одигра одличен меч, реализирајќи 23 поени, девет скока, пет асистенции и четири украдени топки.

Во редовите на МЗТ Скопје 2 најефикасни во денешниот натпревар беа Андоновски со 22 и Петровски со 17 поени.

Се вчитува...