„Ѓоковиќ никогаш нема да биде сакан како Федерер и Надал“

Кој е најдобар тенисер во светот на сите времиња, но и зошто Новак Ѓоковиќ не е омилен меѓу фановите на ниво на кое се Роџер Федерер и Рафаел Надал. Интересна изјава на оваа тема даде 13-рангираниот светски рекет, Аргентинецот Диего Шварцман, кој смета дека српскиот ас не треба да се труди да ги придобие фановите бидејќи тоа во секој случај е невозможна мисија.

„Неверојатно е колку малку емоции покажуваат Федерер и Надал на терените, еве веќе дваесетина години. Нивното однесување е речиси перфектно, освен во неколку ситуации, а навивачите тоа го сакаат. Исто така, тие двајца први се појавија, а Новак дојде подоцна, како натрапник. Згора на тоа, Ѓоковиќ е сосема поинаква личност, тој е нормално момче за разлика од нив двајца. Како обичен човек тој не ги крие емоциите, мене лично тоа ми се допаѓа, но фановите ги нервира таквото емотивно однесување во одредени моменти. Мислам дека до крајот на кариерата Ѓоковиќ ќе ги мине Федерер и Надал како најдобар на сите времиња. Ги победува на нивните омилени подлоги, зошто не би ги престигнал и по бројот на гранслем-трофеи“, истакна Шварцман.

Аргентинецот потоа го „состави“ својот перфектен тенисер – кој би имал сервис како Џон Изнер, ритерн како Ѓоковиќ, форхенд како Доминик Тим, бекхенд како Вавринка, „слајс“ во стилот на Федерер и мотивација и физичка подготвеност како Рафаел Надал.

Се вчитува...