Ѓоковиќ остана „крал на Мелбурн“ и се врати на врвот на АТП-листата

Новак Ѓоковиќ ја продолжи доминацијата на Австралија Опен, откако во драматично финале славеше над Доминик Тим со 3-2 во сетови, успевајќи да ја одбрани ланската круна освоена во Мелбурн. Српскиот тенисер се врати од 1-2 во сетови и го натера противникот на капитулација, а со денешниот трофеј тој воедно и успеа да се врати на врвот на АТП-листата, симнувајќи го Рафаел Надал од тронот. Ова беше осми пехар за Ѓоковиќ на Австралија Опен, со што Србинот останува најтрофеен тенисер на овој гранслем турнир.

Првиот сет му припадна на Новак Ѓоковиќ. Поведе со 4-1 во гемови, но потоа Тим возврати и израмни на 4-4. Сепак, Србинот имаше повеќе нерви во завршницата и го заокружи сетот со 6-4 во гемови. Доминик Тим не мислеше да се предаде така лесно. Вториот сет го доби речиси идентично како Новак првиот. Направи брејк, но и го загуби, Ѓоковиќ израмни на 4-4, а потоа Австриецот успеа да го комплетира со 6-4 во гемови. Видно мотивиран, австрискиот тенисер продолжи со фуриозна игра и во третиот сет, славејќи со 6-2 и поведувајќи со 2-1 во сетови.

Ѓоковиќ не би бил она што е доколку не се врати кога многумина го отпишуваат, па така српскиот тенисер блесна во моментите кога му беше најтешко. Најпрвин воспостави контрола до 3-3 во четвртиот сет, а потоа направи брејк и го доби сетот со 6-3. Тим се соочи со притисок со кој не можеше да се справи, а искутниот српски тенисер знаеше како да го искористи тоа, направи брејк на самиот почеток од решавачкиот сет и потоа рутински ја задржа предноста се до конечните 6-4.

Се вчитува...