Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, како и во неколку наврати претходно, најавува свое пензионирање по настапот на Европското првенство со Македонија следната година.
Отворено зборувајќи за своите планови на професионален план, Пандев вели дека една од најголемите негови желби сега е успешен настап со македонската репрезентација на собирот на најдобрите на Стариот континент.
„Имав секако успешна година на спортски план, но мислам дека 2021 година ќе ми донесе нови радости и покрај тоа што ќе наполнам 38 години. Навистина верувам дека тоа ќе биде мојата последна сезона во кариерата, затоа посакувам да ја минам најдобро што можам“ – вели Пандев и дополнува:
„Најпрво со Џенова да обезбедиме опстанок, па со Македонија да си го остварам сонот да играм на Европско првенство и да имаме успешен шампионат, а потоа мислам дека следи пензија“.
Капитенот на македонската репрезентација вели дека потоа продолжувајќи со професионална кариера како функционер планира останување во Џенова….
„Планот е да останам во Џенова. Тука играв најдолго, моите деца решија да живееме тука и јас веќе се чувствувам како жител на овој прекрасен град“ – истакнува Горан Пандев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА