„Горан Велики“ – иконата на македонскиот фудбал, за првпат во историјата ја напаѓа Германија!

Мала репрезентација со неколку големи ѕвезди! Вака германските медиуми, сумирано во една реченица, ја најавуваат македонската селекција пред денешниот натпревар со повеќекратниот светски и европски шампион во Дуисбург.

А, од тие ѕвезди најблескавата секако онаа на капитенот Горан Пандев кој во 38-та година од животот е вистинскиот предводник на теренот на националниот тим кој за првпат во историјата се соочува со Германија, една од најмоќните светски репрезентации.

„Старецот и голот“, „Пандев е ѕвездата водилка на Македонија, икона и национален херој“ – се дел од насловите на германските медиуми како најава за натпреварот, а сето дополнето и со „Горан Велики и неговите следбеници“, алудирајќи и на предзнакот кој му го даде селекторот Игор Ангеловски во Тбилиси по оној пласман на Европското првенство.

„Можете да ни го доведувате во прашање Александар Велики, но не и Горан Велики“ – истакна тогаш Ангеловски на прес-конференцијата по победата против Грузија во Тбилиси.

Германците тоа добро го забележаа, па сега ја најавуваат „малата“ Македонија со големиот Горан Пандев пред себе.

Но, германските медиуми не ја забораваат и втората ѕвезда во македонскиот тим, 21-годишниот Елиф Елмас кој веќе од следниот квалификациски циклус треба да биде новиот предводник на националниот тим. Фудбалерот на Наполи веќе отворено ја демонстрира својата дрскост на теренот како основен предуслов во блиска иднина да го преземе лидерството на патот кон новите македонски успеси. Но, сето тоа за подоцна, вечерва Македонија посакува чудо во Дуисбург, како што вели и капитенот Пандев.

„Германија е апсолутен фаворит, нас ни е чест и задоволство што играме против една ваква репрезентација, но ова е фудбал, зошто и да не се случи чудо во Дуисбург!?“

Се вчитува...