Гостивар се разбуди, па го реши Еуро Никел

Кошаркарите на Гостивар ја забележааа премиерната победа во новата сезона, триумфирајќи  на домашен терен над Еуро Никел со резултат 96-87. Гостите допатуваа охрабрени од Кавадарци по двете стартни победи, но немаа сили да го земат скалпот на гостиварци, кои со доброто издание вечерва најавија враќање во победнички ритам по бавниот старт на сезоната.

Кавадарчани беа подобри само на почетокот, контролирајќи го резултатот само во стартните седум минути. Тасовски и Мозли погодија две тројки за водство на Гостивар од 22-16, по што домаќините беа тимот што го контролираше темпото до самиот крај. Првото двоцифрено водство на домашниот состав беше во 14. минута, кога Армстед погоди тројка за 34-24. Еуро Никел се приближи пред крајот на полувремето (43-41), но Гостивар одговори со четири поени во низа и на одмор замина со „плус шест“ (47-41). Избраниците на Марјан Србиновски уште на самиот почеток од второто полувреме повторно се одлепија резултатски, стигнаа до двоцифрено водство и не им дозволија на гостите во ниту еден момент да им ја загрозат победата. Еуро Никел се приближи до 90-85, но Армстед со тројка во последната минута стави точка на заслужениот триумф на гостиварци.

Американецот Армстед со 28 поени и осум асистенции беше клучен фактор во денешниот триумф, Тодоровиќ оствари дабл-дабл од 22 поени и 12 скокови, додека кај Еуро Никел најефикасни беа Мијатовиќ со 26 и Соколов со 18 поени.

Се вчитува...