Гостивар сигурен дома – Еуро Никел е во криза

Резултатската криза на Еуро Никел дополнително се продлабочи откако актуелниот вицешампион го претрпе и третиот пораз во низа во Супер-лигата, овојпат на гостувањето против Гостивар со резултат 78-70. По поразите од Пелистер и од Феникс, кавадарчани повторно беа надвор од посакуваниот ритам во нападот, не наоѓајќи начин да слават над директен ривал за пласман во полуфиналето од плејофот.

Гостивар го контролираше резултатот уште од првата четвртина, што по тројката на центарот Тодоровиќ ја доби со 18-14. Домаќините во вториот период водеа со 25-18, Еуро Никел само за момент се врати и преку Томиќ поведе со 32-33, но гостиварци подобро го завршија полувремето и со поените на Јанески и на Гетлинг на одмор замина со водство од 38-33. Третиот период го донесе и првото двоцифрено водство на Гостивар (55-45), позитива што домашните кошаркари многу добро знаеја како да го задржат. Кавадарчани се приближија на „минус два“ (64-62), но Гостивар се разбуди во вистински момент, преку Тодоровиќ, Рансом и Димитриевски се врати на „плус десет“ (72-62) и рутински го приведе мечот до крај.

Ефремовски и Гетлинг со по 16 поени беа најефикасни во таборот на Гостивар, 12 реализирашеТодоровиќ, а 11 Јанески, додека кај Еуро Никел најефикасен беше Калахан со 18 поени.

Се вчитува...