Македонската репрезентација има извонредни 0-1 по првото полувреме на гостувањето во Дуисбург, и покрај целосната доминација на Германците во третото коло од квалификациите за СП 2022.
Македонија ги шокираше Германците со погодокот на капитенот Горан Пандев во втората минута од судиското продолжение благодарение на асистенцијата на Енис Барди.
А, претходно се беше во знакот на домашните. Во 9. минута првата 100% шанса за Германците. Одлична акција по десната страна, Горецка осамен на 15 метри одлично шутира, но гредата од голот на Димитриевски спречува водство на домашната селекција.
Во продолжението, блокиран обидот и на Емре Чан во 14. минута, а во 27. минута Столе Димитриевски одлично го брани и шутот на Гнабри од извонредна позиција.
Во 32. минута повторно 100% шанса за Гнабри, осамен на десеттина метри откосо од десната страна, по додавање на Горецка, но шутира над голот на македонскиот голман.
И конечно првиот обид на македонската селекција кон противничкиот гол во 40. минута. Езгијан Алиоски изведен слободен удар од околу 30 метри од левата страна од аут-линијата, топката незгодно отскокна пред домашниот гол но Тер Штеген успеа да одбрани. Сето тоа, дополнето на крај во втората минута од судиското продолжение кога на извонреден начин со мајсторскиот гол на Горан Пандев дојдовме до водство од 0-1.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (3. коло)
ГЕРМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 0-1
МСВ-арена во Дуисбург. Натпревар без публика. Главен судија: Сергеј Карашев (Русија). Ж. картони: Госенс, Рудигер (Г); Велковски (М). Стрелец: Пандев 45’+2 (М).
ГЕРМАНИЈА: Тер Штеген, Емре Чан, Рудигер, Гинтер, Госенс, Горецка, Кимих, Гундоган, Хаверц, Гнабри, Сане
Селектор: Јоаким Лев
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Николов, Адеми, Барди, Елмас, Пандев, Трајковски
Селектор: Игор Ангеловски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА