Ѓуроски пред дербито: МЗТ е посилен за Војдан и за Ајви, но ние ќе ја имаме поддршката на „чкембарите“

Пелистер е максимално подготвен за големото дерби со МЗТ Скопје, еден од решавачките дуели за освојување на првото место во пресрет на плејофот. Битолчани имаат еден триумф повеќе од МЗТ на табелата, во двете овосезонски средби на домашната сцена забележаа две победи над аеродромци, но на „зелено-белите“ им е јасно дека денешниот меч ќе биде уште потежок од оној декемврискиот што благодарение на беспрекорната игра во нападот го добија со убедливи 78-91.

Репрезентативецот Стојан Ѓуроски е свесен за тежината на предизвикот, но како голем плус за Пелистер го потенцира присуството на навивачката група „Чкембари“ на трибините во СЦ „Јане Сандански“.

„Ова ќе биде исклучително тежок и квалитетен меч, меѓу двата тима што моментно се најдобри во мак-баскетот. Ние имаме две победи во дуелите со нив, но сега ќе биде потешко бидејќи ги имаат Војдан Стојановски и Ајви, кошаркари кои го кренаа нивото на игра на МЗТ. Од друга страна, ние ќе ги имаме зад себе „чкембарите“, чија поддршка ни е драгоцена на натпреварите во Битола, а сега и на гостувањата“, истакнува Ѓуроски.

Тој очекува голема борба на двете најдобри македонски екипи сезонава, а клучна се очекува да биде играта во одбрана.

„Со доаѓањето на новиот тренер се крена интензитетот во играта во одбрана на МЗТ и сигурно дека ќе се обидат со агресивна игра да не исфрлат од ритам. Одбраната е она што ќе го реши победникот и ние ќе мораме да бидеме на висина на задачата ако сакаме да стигнеме до триумф. МЗТ на последните средби постигнуваше доста поени од транзиција, тоа е она што ќе мораме да го неутрализираме, како и да го запреме Рикиќ, кој доколку влезе во ритам доминира под обрачите“, вели Ѓуроски.

Се вчитува...