Херта го смени тренерот: Си замина Дардаи, дојде Коркут

Управата на Херта реши да му врачи отказ на тренерот Пал Дардаи откако серијата слаби резултати продолжи со саботното реми на домашен терен со Аугсбург (1-1). Берлинскиот прволигаш немаше среќа бидејќи прими гол во 97. минута, за нецели два дена подоцна Дардаи сепак да добие отказ.

Херта падна на 14. место на табелата, не знае за победа на последните четири натпревари, по што челниците на клубот реагираа носејќи го за нов тренер Тајфун Коркут. Станува збор за 47-годишен стратег кој своевремено како играч настапи на 25 средби за Херта. Тој потпиша договор до крајот на сезонава, со можност за продолжување на соработката.

„Му благодариме на Пал Дардаи, кој пристигна во клубот со желба да го стабилизира и внесе многу енергија за тоа да се оствари. За жал, тоа не беше доволно, поради што моравме повторно да направиме тренерска смена. Со доаѓањето на Тајфун Коркут сакаме да внесеме дополнителен импулс. Тајфун во минатото има докажано дека не само што може да стабилизира тим во криза, туку и дополнително да го развие наметнувајќи ја сопствената фудбалска филозофија“, изјави спортскиот директор на Херта, Фреди Бобич.

Се вчитува...