Холанѓаните објавија: Зелено светло за 12.000 навивачи за Холандија – Македонија

Холандската Фудбалска Федерација преку допис ја извести УЕФА дека е подготвена да прими најмалку 12.000 навивачи на секој од натпреварите што ќе се играат на „Јохан Кројф“ арена како дел од ЕВРО 2020. Европската куќа на фудбалот инсистира сите земји домаќини што поскоро да се јават со бројки на фанови што ќе можат да бидат примени на стадионите, потенцирајќи дека процентот не би требало да изнесува под 25%, а сите ќе треба пред влезот на стадионот да покажат негативни резултати од ПЦР-тестирање.

Во случајот на Холанѓаните, не се исклучува можноста бројката да биде поголема, но тоа ќе зависи од епидемиолошката слика во земјата, како и ширум Европа во наредниот период.

„Одлична е веста дека ЕВРО 2020 ќе се игра пред публика. Со нетрпение очекувааме да примиме 12.000 фанови во Амстердам, но свесни сме дека вирусот е премногу непредвидлив и не постојат гаранции. Се надеваме дека ситуацијата во јуни ќе биде значително подобрена, што ќе овозможи и поголем број на фанови на трибините“, изјави Гијс де Јонг, директорот на натпреварувачкиот дел во Амстердам.

Македонија и Холандија ќе се сретнат во третото коло од групната фаза, меч што ќе се игра на 22 јуни на „Јохан Кројф“ арена.

Се вчитува...