ТФТ во најуспешната сезона во историјата на клубот успеа да го совлада фаворизираниот МЗТ Скопје во финалето од Купот на Македонија и да стигне до првиот „голем“ трофеј. Сега составот од Тафталиџе ќе има шанса да го елиминира гигантот и во полуфиналето од разигрувањето за титула.
На избраниците на Боро Смилковски работата нема да им биде воопшто лесна, МЗТ Скопје е состав кој знае како се добиваат овие средби, во нив доминира во последната деценија, но најавите од „црно-белиот“ табор се максимална борба.
„Очекувањата за полуфиналната серија се големи и ќе се обидеме да се пласираме во следната фаза. МЗТ Скопје е тежок противник и мислам дека ќе мора да дадеме се од себе и да влеземе во мечот со истата енергија како оној натпревар од Купот на Македонија“, вели за ЕКИПА, Ландирус Хортон.
ТФТ беше „аутсајдер“ и во Куп финалето, но ја искористи фаворитската улога на МЗТ Скопје во своја корист и со одлична игра стигна до огромна победа.
„Единствената мана на МЗТ Скопје е притисокот кој го имаат за овие натпревари. Ние сме „аутсајдери“, но ќе излеземе на теренот подготвени за борба. Немаме притисок, а имаме одлична енергија која ќе биде голем фактор за тимски да се обидеме да стигнеме до две победи во серијата“, додава еден од најдобрите кошаркари на ТФТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА