Вардар конечно на терен – битка со „залетаниот“ ТФТ

По шест одиграни кола, Вардар се уште нема одиграно натпревар во Првата лига. Корона проблемите со кои се соочија избраниците на Александар Јованчев во два наврати ги сместија кошаркарите во „црвено-црно“ во изолација, но месец дена подоцна од предвиденото тимот од „Кале“ е подготвен за надмудрување и борба на теренот.

„Направивме одличен состав на почетокот на сезоната, меѓутоа поради двете големи изолации што ги имавме, дури 28 дена за сите играчи и поради тоа што јас бев отсустен 20 дена, бидејќи бев позитивен на Ковид-19 тест, играчкиот кадар ни претрпе некои измени. Во последните две недели успеавме да се консолидираме и со оној играчки кадар кој сега го имаме, сметам дека успеавме да направиме една добра атмосфера последниве две недели на тренинг и ќе успееме да се спортивставиме“ – изјави за ЕКИПА тренерот на Вардар.

Првиот дуел на Вардар е против новалијата ТФТ, натпревар кој ќе биде од големо значење во борбата за опстанок, целта која е во фокусот на двата тима.

„Нема да биде лесно, ТФТ имаше подобар период од нас, одиграа неколку натпревари во БИБЛ лигата и во нашето првенство. Се наоѓаат во добра форма и ја имаат улогата на фаворит, но наше е да се спротивставиме колку што можеме. Секако само да напоменам дека најбитно е сите да останеме здрави без разлика на конечниот резултат“ – додава Јованчев.

Тимот од Тафталиџе е еден од најактивните тимови во нашето првенство, веќе одигра седум натпревар во две натпреварувања, БИБЛ лигата и домашното првенство, а на новалијата му следи пеколен распоред во кој во седум дена ќе одигра четири натпревари, два во домашното првенство и два во БИБЛ лигата, со патување до централна Бугарија.

„Напорен распоред, утакмица со Вардар веќе утре, а и следната недела патуваме во Бугарија на дуели со Берое во вторник и Академик Пловдив во четврток во БИБЛ лигата, а во петок се враќаме во Скопје за викенд натпреварот против Работнички“ – изјави за ЕКИПА тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.

ТФТ на секој натпревар оди на победа, но во густиот распоред приоритет за тимот од Тафталиџе остануваат натпреварите во домашното првенство. Тренерот на скопскиот состав ја прифаќа улогата на фаворит, но алудира на претпазливост против незгодниот противник.

„Приоритет за нас останува натпреварот со Вардар затоа што за нашата екипа можеби е и најбитниот натпревар од сите што ги споменав. Незгоден натпревар пред се’ затоа што екипата на Вардар досега нема одиграно ни еден официјален натпревар. Тоа може да биде и предност, но и сосема спортивното, бидејќи не можевме да направиме некој добар скаутинг, а они имаа доволно време да се припремат за нас. Очекувам неизвесен натпревар и борбена утакмица, јас ја прифаќам улогата на фаворит и одиме на победа“ – дециден е младиот стратег.

Се вчитува...